КРАХОТ НА ЕДНА ИЛУЗИЈА: Како бугарскиот шовинизам се сопна од сопствените историски фалсификати
Неодамнешниот бран од триумфализам меѓу бугарските национал-шовинисти и иредентисти, поттикнат од медиумските шпекулации за наводниот пренос на посмртните останки на Цар Самоил од Грција во Бугарија, уште еднаш ја оголе загрижувачката опсесија на Софија со македонското прашање.
Прогласувајќи го овој чин за „смртен удар врз македонизмот“ и ликувајќи дека Македонците наводно останале „без глас“, бугарските националисти покажаа длабоко непознавање на суштината на македонското битие, но и паничен страв од вистината.
Македонштината не извира од гробови, таа живее во луѓето
Што е тоа што бугарските шовинисти го нарекуваат „македонизам“? Ако под тој поим подразбираат вештачка творевина која може да се урне со преместување на еден саркофаг, тогаш тие живеат во тешка заблуда.
Македонштината во Македонија е жива, пркосна и непоколеблива.
По секоја ваква евтина провокација, таа станува уште посилна и поконсолидирана.
Нашиот идентитет не е куќа од карти што може да се урне со политички притисоци.
За разлика од бугарскиот национал-шовинистички наратив, македонскиот идентитет не се храни со омраза кон соседите, ниту пак зависи од надворешни признанија или негирања.
Бугарската страна својот идентитет очајнички го врзува за коски, за кои дури и одредени научни медиуми во самата Бугарија признаваат дека не постојат сигурни докази оти се човечки. За разлика од нив, македонскиот идентитет е вграден во живиот јазик, културата, колективната меморија и секојдневниот пркос на овој народ.
Самоволие и кршење на Договорот: Како Софија го минираше „заедничкото чествување“
Најголемиот апсурд во оваа политичка претстава лежи во фактот што токму Бугарија со години инсистираше на „заедничко чествување“ на Цар Самоил. Но, откако беше постигната макотрпна согласност во Мешовитата комисија, Софија самата го прекрши и го обесмисли тој процес.
Македонската страна не само што беше целосно исклучена и неизвестена за овие задкулисни игри, туку Софија манифестираше врвно самоволие.
Без никаква согласност од македонските колеги – што е директна обврска од потпишаните билатерални договори – на надгробната плоча или саркофагот самоволно беше испишана формулацијата „Цар на Бугарите“.
Овој чин е грубо искривување на историјата, фалсификување на фактите и политичка кражба на средновековното наследство. Со овој потег, Бугарија докажа дека нејзината цел никогаш не била искрен дијалог или заедничка европска иднина, туку обид за етнички инженеринг на минатото.
Македонскиот глас е премногу гласен за да биде замолчен
Илузијата на бугарските иредентисти дека Македонците останале „без глас“ брзо ќе се распрсне пред ѕидот на реалноста. Македонскиот глас е гласен, чист и аргументиран.
Тој не се потпира на шовинистички памфлети, туку на правото на самоопределување и на историскиот континуитет на еден народ кој опстојал и покрај многу поголеми бури од сегашните евтини политички провокации од Софија.
Наместо „смртен удар за македонизмот“, овој скандал претставува дефинитивен автогол за бугарската дипломатија и историографија. Пред очите на меѓународната јавност, тие уште еднаш се претставија како некредибилен партнер кој не ги почитува сопствените потписи и договори.
No comments:
Post a Comment