Како Бугаринот Драганов наместо бугаризација почна мисија за посебноста на македонскиот јазик
Петар Даниилович Драганов е виден руски славист, по потекло Бугарин, претходник, современик и сомисленик на Мисирков и на Чуповски. Бугарин, од Бугарската егзархија, како бугарски стипендист во 1885 година тој добива задача да оди во Македонија и како учител да ја продолжи бугаризацијата на македонското население. Неговата мисија, кратко по пристигнувањето во Македонија, добива сосема поинаква смисла – тој станува еден од најзначајните македонолози. Тоа е Петар Драганов, лингвист, чие дело е малку истражувано во македонската лингвистика, а не случајно - сосема заборавен од бугарската.
Драганов останал во Македонија три години, по што како веќе оформен научник-славист си поставил задача „да ја провери на самото место основаноста на српските и на бугарските претензии на јазикот и народноста на тамошното македонско-словенско население“.
Јазична посебност
За таа цел тој им се обратил на учениците од пониските класови во гимназијата во Солун, Македонци од разни краишта на провинцијата, кои сè уште го немале совладано бугарскиот литературен јазик, да му донесат фонетски запишани примероци од нивниот домашен говор. Покрај тоа, и самиот собирал етнографски материјали од разни краишта на Македонија и на тој начин составил обемен зборник на фолклорни материјали, кој му овозможил да ги проучува „особеностите на... македонските говори во споредба со бугарските ...од една страна, и со српските, хрватските и словенечките, од друга“.
Така Бугаринот Драганов ја запознал етнокултурната и јазичната посебност на македонскиот народ и ја афирмирал во рускиот печат, пишувајќи за македонскиот јазик, за народното творештво и за етнографијата. Во тоа време во Македонија, покрај грчката, дејствувале двете словенски пропаганди со свои „големи идеи“. Тоа довело до поделби кај македонскиот народ на бугаромани, србомани и гркофили, кои пропагандите ги претставувале како чистокрвни Бугари, Срби или Грци.
Вистината за карактерот на македонските говори
Целокупниот научен ангажман на Драганов му овозможил да дојде до сознание дека сите претенденти ја сметаат Македонија за своја земја и нејзиното присоединување кон својата митрополија го сметаат како обврска на некакво историско право. А тој работел со надеж дека „ќе даде научна претстава за реалната ситуација во Македонија“, ќе ја „открие вистината за карактерот на македонските говори“, односно за „посебноста на македонскиот јазик и за самостојноста на македонскиот народ“.
На тој начин Драганов станал најревносен и најобјективен проучувач на македонската историја, етнографија, јазик, култура и писменост, афирматор на идејата за етничката посебност на Македонците.
На тој начин Драганов станал најревносен и најобјективен проучувач на македонската историја, етнографија, јазик, култура и писменост, афирматор на идејата за етничката посебност на Македонците.
Гледиштата на Драганов во врска со македонската национална самобитност го привлекувале вниманието на руската, бугарската и на српската јавност, биле негирани како неосновани и несериозни, понекогаш биле оспорувани и од самите припадници на македонската народност, кои го напаѓале немакедонецот Драганов за неговите македонистички ставови. Но сето тоа не ги сменило неговите научни позиции во однос на Македонија. Тој храбро ги брани своите научни сознанија, полемизира и докажува.
На македонското наречје му посакувам литературен развој
На едно место вели: „Познато е веќе дека некои Македонци-србомани на чело со М. Веселиновиќ ме клеветеа во печатот дека, наводно, во Солун примерите од српската народна поезија што ми биле доставувани сум ги преправал на бугарски начин... Исто така е познато и дека некои бугарски автори со егзархиските пропагандисти во Македонија констатираа (исто така преку печатот) дека јас, како чист Бугарин по потекло, малку или недоволно бугарофилствувам..., некои дури и заклучија дека јас лошо се однесувам како Бугарин и дека сум го продал бугарското дело“. Понатаму констатира: „Голем дел од тоа што јас веќе го имам отпечатено за македонското наречје... и што уште имам намера да отпечатам за тој предмет, јасно покажува дека јас многу го сакам тоа наречје, му пожелувам, спротивно на српските и на бугарските желби, долготрајност и, ако сакате, литературен развој. Притоа наведувам многу докази дека Србите и особено Бугарите едноставно го презираат ова наречје, а мене ме напаѓаат затоа што не се однесувам со почит и верба кон нивните големи политички идеи и дека како да препорачувам некаква посебна македонска литература... Тие свињари не знаат дека литературата токму на македонското наречје, колку и да е мала, во секој случај е факт и не ја измислив јас. Па зарем јас го отпечатив зборникот на Миладиновци (не е важно што Хрватите во Загреб го нарекоа „блгарски“, со глупото и неумесно Ѫ), зарем јас ги измислив јазикот и тенденциите на Пулевски, Шапкарев, А. Ресенецот, Партеније Дебарски, во споредба со кои ... јас и Дринов, како и Верковиќ и Сирку сме странци...“.
Еве го и искажувањето на Македонецот Стефан Влахов-Михов, професор во Бугарија: „Делото на Драганов е актуелен предизвик за минатиот/денешен шовинизам... Иако Драганов е од бугарско потекло, бугарската наука и држава не заслужуваат научник и творец со таква значајност.“
[box color="#333333"]Петар Даниилович Драганов (1857-1928) е доследен македонолог и основоположник на македонистиката во Русија, афирматор на македонската национална свест, на македонскиот јазик и литература, на македонскиот фолклор и етнографија и на македонската историја и култура на крајот од 19 и почетокот на 20 век. До неодамна неговата личност малку ѝ беше позната на нашата јавност. Но во последниве децении делото на Драганов предизвика интерес кај некои наши истражувачи (Б. Ристовски, Г. Тодоровски, М. Пандевски и др.), кои овозможија да се сфати големината на неговата личност и значењето на неговото дело за нас, Македонците, за нашето минато и за нашата современост. Драганов е роден на 1 февруари 1857 година во Комрат (Бесарабија, денешна Молдавија) во семејство на бугарски колонисти. По завршувањето на средното образование во Кишинев се запишал на Историско-филолошкиот факултет во Харков, а потоа го продолжил образованието на Санктпетербуршкиот универзитет.[/box]
No comments:
Post a Comment