Македонците оставиле значаен придонес и во исламот! Повеќе исламски теолози сметаат дека Александар Македонски е спомнат во Куранот под описното име Зул-Карнијан! Македонската култура оставила свој белег и во исламот. За уделот на македонската култура во севкупниот карактер на исламот од наша страна допрва треба да се извршат потемелни истражувања.
Исламот е една од најголемите религии во светот. Оваа религија се појавила во Арабија и истата е заснована врз учењето на пророкот Мухаммед. Всушност арапскиот збор "ислам" значи "предавање" во смисла "предавање кон божјите закони". Секој што го практикува исламот се нарекува муслиман. Основен извор на исламот е Куранот. Куранот е света книга за муслиманите и истата (според исламската доктрина) е настаната како резултат на откровенијата од Бога, кои Мухаммед (како негов пророк) ги запишувал во текот на дваесет и две години и тоа во периодот од 610 година (кога пророкот Мухаммед го примил првото откровение), па сe` до 632 година (кога било запишано последното). Конечната верзија на Куранот била составена дваесетина години подоцна. Содржината на книгата е поделена на 114 сури или поглавја, кои се поделени на ајети (стихови).
Куранот не е само света книга за муслиманите, туку неговата содржина се смета и како ремек-дело на тогашната арапска литература. Од литературен аспект, содржината на Куранот претставува уникатен спој помеѓу поезијата и прозата. Важен извор за исламот е и светата книга Хадит.
ПРОРОКОТ МУХАММЕД
Основоположникот на исламот, пророкот Мухаммед, се родил во Мека (Арабија) во 570 година. Неговиот татко умрел уште пред да се роди Мухаммед, а мајка му умрела кога имал само шест години. Поради тоа, грижата за него ја презел неговиот роднина Абу Талиб. Кога пораснал, Мухаммед станал трговец и неколку пати ја посетил Сирија, каде се смета дека остварил средби со тамошните христијани. Потоа тој се вработил кај богатата вдовица Кадија и поради неговата чесност и лојалност бргу ги стекнал нејзините сипматии, по што стапиле во брак. Мухаммед тогаш имал 25 години. Според неговата биографија, тој честопати одел во една пештера во близината на Мека каде се молел на Бога и размислувал околу религиозните прашања. За време на една молитва, тој добил визија на архангелот Гаврил, кој му се јавил и го прогласил за божји пророк.
Постепено Мухаммед почнал јавно да ги проповеда откровенијата што му биле давани од Бога. Подоцна овие откровенија биле собрани и запишани на едно место, а тоа е исламската света книга Куран. Проповедите на Мухаммед ја опфаќале и социјалната сфера преку ставовите дека сите луѓе се исти пред Бога. Поради тоа тој се стекнал со симпатии помеѓу сиромашните, додека богатите владетели на Мека се однесувале кон него со отпор и со недоверба. Во 615 година, биле убиени извесен број негови следбеници од страна на богатите владетели во Мека. Поради тоа, Мухаммед наредил 83 семејства на негови следбеници да се преселат во Етиопија. Во 619 година, починале неговата сопруга Кадија и неговиот роднина Абу Талиб. Потоа Мухаммед заминал за Медина (која тогаш се викала Јатриб) на повик од тамошните жители. Медина се наоѓа на околу триста километри северно од Мека. Мухаммед заминал за Медина токму во моментот кога неговите опоненти во Мека се подготвувале да го убијат. Во Медина Мухаммед организирал практикување на исламските ритуали и вовел социјални реформи, а биле гарантирани и верските слободи на сите граѓани. Но, и во Медина се јавиле негови опоненти, кои биле поткрепувани од Мека. Подоцна дошло до војна помеѓу муслиманите од Медина и властите во Мека. Во 624 година, муслиманите (иако биле послабо вооружени) ги поразиле меканците. Истовремено тие ги напаѓале меканските трговски каравани, кои ја снабдувале Мека со стоки од Сирија со што сакале економски да ја ослабнат Мека. Но, подоцна меканците постигнале успех во војната, при што стигнале дури до ѕидините на Медина, која сепак не успеале да ја освојат. Во меѓувреме, Мухаммед се ослободил од своите непријатели, внатре во Медина, меѓу кои, најбројни биле некои Евреи. Во 630 година меканците, откако сфатиле дека не можат да ја поразат Медина, му понудиле мир на Мухаммед. Потоа водачите на разни племиња од Арабија дошле кај Мухаммед и го примиле исламот, па така Мухаммед станал најмоќниот владетел во Арабија. Идолите од претходните религиозни сфаќања биле уништени, а Мека станала најсветото светилиште на исламот. На Евреите и на христијаните им биле гарантирани верските права, затоа што и самиот Мухаммед признал голем дел од нивното учење. За време на својата последна посета на Мека, тој издал проповед во која ги сумирал своите реформи и прогласил братство помеѓу муслиманите. Тој исто така проповедал дека сите луѓе се еднакви, без оглед на расна или на класна припадност. Мухаммед починал во 632 година во Медина. Какви биле врските помеѓу Македонците и исламот? Веднаш ќе кажеме дека исламската култура има примено извесно влијание од културата што Македонците ја прошириле во Арабија, т.е. во земјата во која се родил исламот. Познато е дека уште Александар Македонски покажувал голем интерес кон Арабија и дека тој испратил своја експедиција со бродови, кои пловеле близу брегот на оваа земја. Се знае и дека Александар во 323 година пред Христа планирал да ја освои Арабија, но дека во тоа го спречила смртта во Вавилон.
Но, и без тоа Арабија станала значајна сфера во ширењето и прифаќањето на хеленистичката (главно македонско-грчка) култура. За ова придонела и географската положба на оваа земја (како мост помеѓу истокот и западот), а значајна улога одиграла и трговијата со разни производи.
Влијанието на македонската култура во Арабија се огледа во тоа што уште во третиот век пред Христа во оваа земја почнале да се коваат пари, кои биле имитација на македонските пари од времето на Александар Македонски. Овие пари главно се ковеле во градот Гера. На некои од нив дури го пишувало и името Александар. Ова најмногу дошло до израз кај монетите со помала вредност (оболи), кои претставувале целосна имитација на монетите на Александар Македонски, но и на монетите на македонската династија на Селевкидите. Исто било и со монетите билони, кои се користеле во Арабија, дури и во доцниот прв век по Христа.
Секако дека влијанието на хеленистичката (македонска и грчка) култура во Арабија било присутно и во останатите сфери (уметноста и сл.). Ова практично значи дека оваа култура била прилично распространета во Арабија, т.е. во земјата во која подоцна ќе биде создаден исламот. Пророкот Мухамед неколку пати ја посетил Сирија. Сосема е можно дека за време на тие посети тој остварил средби со потомците на големата колонија Македонци, кои таму биле населени уште од времето кога Сирија била составен дел од македонската држава на Селевкидите. Познато е дека во сирискиот град Антиохија (кој бил изграден и населен од Македонците), културни траги од Македонците се забележани дури и во шестиот век, а тоа е токму времето кога пророкот Мухаммед ја посетувал Сирија. Имено, во овој век е забележано името на некој танчер од Антиохија кој се викал Македонија (Macedonia), за што веќе пишувавме. АЛЕКСАНДАР СПОМНАТ ВО КУРАНОТ
Кога зборуваме за врските помеѓу Македонците и почетоците на исламот, мнозина истражувачи денес сметаат дека еден Македонец е спомнат и во самата исламска света книга Куран. Конкретно, се смета дека во оваа исламска света книга е спомнат Александар Македонски, но под друго име. Всушност, се смета дека тој овде е спомнат под описното име Зул- Карнијан. Овој израз може да се преведе на неколку начина. Според буквалниот превод, овој израз значи "оној со два рога". Германскиот историчар Улрих Вилкен пишува дека ваквото детерминирање на Александар потекнува од старото египетско предание, според кое, Александар е претставен како "син на Амон". Од своја страна, синот на Амон, во ликовните претстави, секогаш бил прикажуван како лик кој на главата има два мали рога. Поради тоа Вилкен смета дека оттука потекнува описното име на Александар како "оној со два рога" (Улрих Вилкен: "Александар Македонски" Скопје, 1988, стр. 353). Некои исламски теолози изразот "Зул-Карнијан" го преведуваат и описно како: "оној што живеел во две генерации", што е тесно поврзано со содржината на некои исламски преданија за Александар, конкретно за мигот на неговото раѓање, поврзан со "спојувањето" на две планети (или ѕвезди) на небото, за што во продолжение ќе пишуваме.
Што се однесува до самото спомнување на Александар во Куранот, конкретно се смета дека тој е спомнат во осумнаесеттата сура која се вика "Пештера" (Ал-Кахфи) и тоа во ајетите (стиховите) 83-98. Но, има и такви исламски теолози кои сметаат дека терминот Зул-Карнијан не се однесува на Александар Македонски, туку на некој друг владетел. Сепак, може да се каже дека официјален став на повеќе исламски теолози е дека станува збор токму за Александар Македонски. Така, на пример, во официјалната "Енциклопедија на исламот" јасно пишува дека и навистина Александар Македонски е спомнат во Куранот. Овде читаме: „Општо е прифатено, како од исламските толкувачи, така и од современите западни научници дека Зул-Карнијан или "оној со два рога", спомнат во сурата 18, 82/83-98, всушност го претставува Александар Велики“. ( "Encyclopedia of Islam", New Edition, Vol. IV, 1978.).
А, сега да ги спомнеме стиховите од сурата 18, во кои се смета дека самиот Бог (Алах) го спомнал Александар Македонски под описното име Зул-Карнијан или во слободен превод: "оној што живеел во две генерации". Овие стихови гласат: "И ќе те прашаат за Зул-Карнијан, oдговори им: 'Ќе ви го изрецитирам споменот за него' (83.) Навистина, Ние го поставивме него на земјата и му го откривме значењето на сите работи. (84) И така тој појде по патот. (85). И кога стигна на местото каде сонцето заоѓа, виде дека тоа заоѓа во едно црно море, по што кај него дојде народот. И Ние му рековме: 'О, Зул-Карнијан! Или казни ги, или покажи им добрина (86)... А тој рече: 'Што се однесува до оној што прави лошо, ќе го казниме, а потоа ќе биде вратен кај својот Господар за да биде казнет со страшна казна (87)… Што се однесува до оној што верува и што прави добрини, тој ќе има добра плата и нему ќе му ги пренесеме зборовите на нашите одредби (88). Потоа, тој продолжи по патот. (89). Сe` додека не стигна во земјата каде што сонцето изгрева, каде го најде како изгрева над луѓе на кои не им дадовме заштита од него. (90). И така! Навистина она што беше кај него го опфативме со знаење (91). Потоа, тој продолжи по патот (92). Сe` додека не стигна меѓу две планини, каде најде луѓе, кои не разбираа ниту збор. (93). Тие рекоа: О, Зул-Карнијан! Навистина Гог и Магог создадоа низа немири во земјата. Сакаш ли да ти дадеме награда ако ставиш бариера помеѓу нив и нас (94). Тој им рече: Она во што ме востанови мојот Господар е подобро. Затоа помогнете ми со работници и ќе изградам заштитна бариера помеѓу вас и нив. (95). Донесете ми блокови од железо. И додека тој го пополни просторот помеѓу двете планини, им рече: 'Дувајте!, А кога се запали огнот им рече: 'Дајте сега да го излеам растопениот бакар" (96). Така тие не можеа да поминат, ниту да направат дупка (97). Тој им рече: 'Ова е милост од мојот Господар, но кога Тој ќе вети, ќе го срамни со земја, а ветувањето на мојот Господар секогаш е вистинито! '(98). Главна индиција за поистоветувањето на Александар Македонски со "Зул Карнијан" е фактот што обајцата патувале во, за нив, дотогаш непознати земји. Овде секако е и самото име Зул-Карнијан, кое рековме дека буквално преведено значи "оној со два рога", што може да се однесува само на Александар Македонски, т.е. на неговата постара претстава како син на Амон, кој, бил претставуван како човек со два мали рога на главата. Токму како таков Александар останал запаметен во исламската традиција и останал длабоко почитуван од муслиманите.
Некои (пред се` христијански) истражувачи сметаат дека сторијата за Александар Македонски, која е предадена во Куранот, претставува адаптација на некоја постара легенда за него. Ваквиот став е прифатен и во Енциклопедија Британика, каде во врска со ова читаме: „Спомнувањето на Александар од страна на Мухаммед како 'оној со два рога' (18,82) е превземено од една романса за Александар која била популарна среде несторијанските христијани во 7 век во својата сириска варијанта“.
Но, исламските теолози ова го негираат, наведувајќи податоци дека во времето на создавањето на текстот на Куранот тешко можеле да бидат достапни легендите и преданијата за Александар Македонски. Полемики околу ова прашање се водат до денес К.Л. Превземено од истражувањата на Ebu Benjamin од Скопје ____
Извор:
https://www.mn.mk/istorija/9934-Aleksandar-Makedonski-vo-Kuranot
|
No comments:
Post a Comment