Христијаните и името
НИКОЈ не може со сигурност да каже кога ортодоксните Евреи престанале гласно да го изговараат Божјето име а наместо тоа го замениле со хебрејските зборови за Бог и Суверен Господ. Некои мислат дека Божјето име излегло од општа употреба уште долго пред Исусово време. Но, постојат силни докази дека првосвештеникот продолжил да го изговара при религиозните служби во храмот — особено на денот на Помирување — сѐ додека храмот не бил уништен во 70 година н. е. Затоа, кога Исус бил на Земјата, изговорот на Божјето име бил познат, иако можеби не бил нашироко користен.
Зошто Евреите престанале да го изговараат Божјето име? Веројатно, барем делумно, затоа што погрешно ги применувале зборовите од третата заповед: „Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог“ (2. Мојсеева 20:7). Се разбира, оваа заповед не ја забранувала употребата на Божјето име. Инаку, зошто Божјите древни слуги, како Давид, го употребувале толку слободно, а сепак уживале Јеховин благослов? И зошто Бог му го објавил на Мојсеј и му рекол да им објасни на Израелците кој е тој што го испратил? (Псалм 17:1-3, 6, 13;2. Мојсеева 6:2-8).
Меѓутоа, во Исусово време постоела силна тенденција разумните Божји заповеди да се толкуваат на еден крајно неразумен начин. На пример, четвртата од Десетте заповеди ги обврзувала Евреите да го држат седмиот ден од секоја седмица како ден на одмор, имено Сабат (2. Мојсеева 20:8-11). Ортодоксните Евреи толку бесмислено ја прошириле таа заповед, измислувајќи безброј правила според кои ги управувале дури и најситните постапки коишто можело или не можело да се прават на Сабат. Без сомнение, со истиот став на неразумно екстремен начин ја толкувале и разумната заповед дека Божјето име не смее да се обесчестува, велејќи дека името не смее ни да се изговара.*
Исус и името
Дали Исус би следел таква небиблиска традиција? Тешко! Тој не се воздржувал да лечи на Сабат, иако тоа значело кршење на правилата што ги поставиле Евреите, па дури и ризикување на својот живот (Матеј 12:9-14). Всушност, Исус ги осудил фарисеите како лицемери, затоа што своите традиции ги ставиле пред Божјата инспирирана Реч (Матеј 15:1-9). Затоа, неверојатно е тој да се воздржувал да го изговара Божјето име, особено со оглед на фактот дека неговото име, Исус, значело „Јехова е спасение“.
Еднаш Исус станал во една синагога и прочитал дел од свитокот на Исаија. Извадокот што го прочитал денес го нарекуваме Исаија 61:1, 2, каде што Божјето име се појавува повеќе пати (Лука 4:16-21). Дали тој би одбил да го изговори божественото име на тоа место и би го заменил со „Господ“ или „Бог“? Секако дека не. Тоа би значело следење на небиблиската традиција на еврејските верски водачи. Наместо тоа, читаме: „Он ги поучуваше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците“ (Матеј 7:29).
Фактички, како што научивме порано, тој ги поучил своите следбеници да го молат Бог: „Да се свети името Твое“ (Матеј 6:9). А ноќта пред неговото погубување, му се молел на својот Татко: „Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; . . . Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал“ (Јован 17:6, 11).
Во врска со овие Исусови осврнувања на Божјето име, книгата Der Name Gottes (Божјето име) на страница 76 објаснува: „Мораме да го цениме зачудувачкиот факт дека Стариот завет, во неговото традиционално разбирање на Божјето откровение, всушност претставува откровение за неговото име и за истото се држи сѐ до последните делови од Стариот завет, да, а продолжува сѐ до последните делови од Новиот завет, каде што, на пример, во Јован 17:6 читаме: ‚Јас го објавив твоето име‘“.
Да, би било крајно неразумно да се мисли дека Исус се воздржувал од употребата на Божјето име, особено кога ги цитирал оние делови од Хебрејските списи кои го содржеле истото.
Раните христијани
Дали Исусовите следбеници од првиот век го употребувале Божјето име? Исус им заповедал да прават ученици од луѓето од сите народи (Матеј 28:19, 20). Многу од луѓето на коишто требало да им се проповеда, немале никаков поим за Богот кој им се открил на Евреите со името Јехова. Како би можеле христијаните да им го откријат вистинскиот Бог? Дали било доволно да го нарекуваат Бог или Господ? Не. Народите си имале свои богови и господиновци (1. Коринтјаните 8:5). Како можеле христијаните да направат јасна разлика помеѓу вистинскиот Бог и лажните богови? Само ако го употребувале името на вистинскиот Бог.
Затоа, за време на еден состанок на старешините во Ерусалим, ученикот Јаков забележал: „Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, та од нив да избере народ што ќе го носи Неговото име; и со тоа се согласуваат и зборовите на Пророците“ (Дела 15:14, 15). Во својот добро познат говор што го одржал на Пентакост, апостол Петар истакнал еден битен дел од христијанската порака кога ги цитирал зборовите на пророкот Јоил: „Секој што ќе го призове името Господово [Јеховино, НС], ќе се спаси“ (Јоил 2:32; Дела 2:21).
Апостол Павле не остава никакво сомневање околу тоа колку нему му било важно Божјето име. Во своето писмо до Римјаните, тој ги цитира истите зборови на пророкот Јоил и продолжува да ги охрабрува сохристијаните да ја покажат својата вера во таа изјава така што ќе одат да им го проповедаат Божјето име на другите, за да можат и други да бидат спасени (Римјаните 10:13-15). Подоцна, во своето писмо до Тимотеј, напишал: „Да отстапи од неправдата секој, што го произнесува [го именува, НС] името Господово“ (2. Тимотеј 2:19). На крајот од првиот век, апостол Јован го употребувал божественото име во своите списи. Изразот „Алилуја“, кој значи „Фалете го Јах“, често се појавува во книгата Откровение (Откровение 19:1, 3, 4, 6).
Меѓутоа, Исус и неговите следбеници прорекле дека ќе се појави отпад во христијанското собрание. Апостол Петар напишал: „Меѓу вас ќе има лажни учители“ (2. Петрово 2:1; види и Матеј 13:36-43; Дела 20:29, 30; 2. Солунјаните 2:3; 1. Јованово 2:18, 19). Овие предупредувања се исполниле. Една последица била тоа што Божјето име било потиснато во позадина. Дури било отстрането од преписите и од преводите на Библијата! Да видиме како се случило тоа.
[Фуснота]
Некои наведуваат поинаква причина: Можеби Евреите биле под влијание на грчката филозофија. На пример, Филон, еврејски филозоф од Александрија кој отприлика бил современик на Исус, бил под силно влијание на грчкиот филозоф Платон, за кого мислел дека е божествено инспириран. Lexikon des Judentums (Лексиконот на јудаизмот), под „Филон“ наведува дека Филон „ги обединил јазиците и идеите на грчката филозофија (Платон) со откриената вера на Евреите“ и дека пред сѐ „имал видливо влијание врз христијанските црквени отци“. Филон сметал дека Бог е неодредлив и дека затоа е безимен.
[Слика на страница 14]
Оваа слика на еврејски првосвештеник со знакот на неговиот турбан кој на хебрејски значи „Светоста му припаѓа на Јехова“, се наоѓа во Ватикан
[Слика на страница 15]
Како што покажува овој германски превод на Библијата од 1805 година, кога Исус читал во синагогата од свитокот на Исаија, гласно го изговорил Божјето име (Лука 4:18, 19)
[Слики на страница 16]
Петар и Павле го употребувале Божјето име кога цитирале од Јоиловото пророштво (Дела 2:21;Римјаните 10:13)
https://www.blogger.com/blogger.g?blogID=8163995566930782107#editor/target=post;postID=2591135792411101432
No comments:
Post a Comment