Search This Blog

Sunday, December 13, 2015

Историски податоци за името Македонија -преземено

Досега најстариот податок за прото Македонците – племиња од бронзениот период кои го населувале просторот на Македонија – се наоѓа кај Хеланик од Лезбос (V век пред Ис.Хр), кој престојувал на македонскиот двор во времето на Аминта (540 – 498) и кој запишал дека Македонците живееле меѓу (со) Мизите. Овој податок се однесува на прото-македонските племиња кои живееле во периодот меѓу првата и втората индоевропска миграција, т.е. во временската рамка меѓу III и крајот на II милениум пред Ис.Хр.
Сепак, најстарите, сигурнидосега познати, пишани податоци за Македонија се наоѓаат во хомеровата Илијада, дело кое се однесува на настани датирани негде во XII – XI век пред Ис.Хр. Во Илијадата меѓу сојузниците на Троја се спомнати Пајонците кои според најновите научни сознанија е потврдено дека најверојатно биле со македонско етничко потекло; потоа пајонскиот град Амидон кој се наоѓал на устието на р.Аксиос (денешен Вардар), како и македонските области Пиерија и Ематија. Во Илијадата е забележано и името на родоначалникот на македонското племе Пелагонци, митскиот Пелагон.
Досега најстарото запишано име кое се однесува на Македонија, а е користено од страна на грчките морепловци, е Ематија. Поконкретни податоци за името Ематија има кај Страбон (64/63 пр. Ис.Хр. – 23 г.н.е.), Плиниј Постариот (23 – 79 г.н.е.) и Стефан од Бизант (VI в.н.е.) кои запишале дека тоа е првобитното име на Македонија. Од друга страна античкиот географ Птолемај (127 – 145 г.н.е.)соопштува дека Ематија се нарекувала областа каде што се наоѓала првата македонска престолнина Ајга.
Лингвистите, името Ематија го изведуваат од грчкиот збор amathos што значи песочен, песочно. Ова препоставка дополнително добива на тежина ако се има предвид кажувањето на античкиот географ Птолемај кој соопштува дека со ова име се означувал источниот крајбрежен дел од античка Македонија кој бил песоклив.
Почнувајќи од VIII – VII век пред Ис.Хр. името Ематија е потиснато од името Македонија. Ова најверојатно се должи на фактот што првата македонска кралска династија Аргеади потекнувала од областа Орестида (Костурско) чие постаро име било Макета. Со текот на времето името Македонија добива не само географско туку и политичко значење. Тоа не е само географски поим туку и име на македонската држава и етносот кој ја населува Македонија, а кој по потекло е сосема различен од било кој друг етнос на Балканот во тој период. Веќе во времето на Филип II (359 – 336) сите племиња кои го сочинувале македонскиот етнос ќе бидат обединети во една централизирана македонска држава под власта на династијата на Аргеадите.
Прашањето за потеклото на името Македонија предизвикувало контраверзи уште во антиката. Има, главно, три генеалогии кои го објаснуваат потеклото на името Mакедонија. Првата генеалогија за името Македонија е запишана од Хесикиј од Александрија (в.н.е.), а сочувана кај Константин VIIПорфирогенит (913 – 959) каде се вели дека името Македонија доаѓа од митскиот јунак Македон кој бил син на Ѕевс и Тија.
Во врска со оваа генеалогија сочувани се три критички забелешки (коментари или схолии) кои се однесуваат на дополнување на истата. Според првата забелешка (схола) Македон е син на Дион и Аитхија, според втората на Диос и Аитхија, а, пак, според третата тој бил син на тој бил син на Диос и Аитхрија. Очигледно е дека зад Дион/Диос се крие врховното божество кај античките Македонци, а Аитхија е всушност македонската Атена посведочена на монетите со штит во левата и молња во десната рака.
Втората генеалогија за името Македонија е забележана кај Аполодор Атински (II век пред Ис. Хр.) според кого Македон е син на Ликаон кој имал дури 50 синови. Третата генеалогија за името Македонија е забележана од Диодор Сицилиски (I век пред Ис.Хр.). Според оваа генеалогија, Македон бил син на египетскиот бог Озирис. 
Освен овие три, во различни периоди од антиката, постоеле и други помалку популарни генеалогии преку кои се објаснувало потеклото на името Македонија. Па така според генеалогијата на Еврипид старата форма на името Македонија е Макета, име кое Еврипид го поврзал со едно од имињата на бахамтките – свештеничките на богот Дионис – кои во Македонија се нарекувале Клодонес, Мимонес и Макетаи.
Што се однесува до модерната наука, постојат неколку тези за етимологијата на името Македонија. Според првата, името доаѓа од придавката македнос која се среќава само кај Хомер и која значи висок. Во конкретниот случај македнос би требало да означува ,,високи луѓе, ,,планинци”,,,горштаци. Оваа етимологија е поврзана со денес веќе надминатата теза дека античките Македонци дошле од високи места т.е. од Горна во Долна Македонија.
Своја теза за името Македонија и етниконот Македонци дава М.Будимир кој смета дека се работи за грчки превод на нивното изворно име Кауконци.
Наспроти овие толкувања, најновите истражувања со голема веројатност упатуваат на тезата дека името Македонија најверојатно има бригиско потекло со значење – земја. Имено, Бригите биле најстариот етнички супстракт кој учествувал во етногенезата на античкиот македонски народ и оттука мошне е веројатно дека и името Македонија е од бригиско потекло. Оттука можеби произлегува и поврзаноста меѓу името Ематија што значи песоклива земја името Македонија што на бригискиот јазик исто така значело земја
Текстот се наога на следнава адреса :
Извор

No comments:

Post a Comment