Објавена е во октомври 1998 година, како Платформа за
решавање на албанското национално прашање. Таа е, според
воведното објаснување, официјален производ на Албанската
академија на науките, “загрижена не само за статусот на
Косово, туку и за иднината на целата албанска нација”. Нацртот
на Платформата првично бил дискутиран на Собранието на
Академијата, па потоа во него биле вградени оправданите
забелешки и сугестии на албански интелектуалци од Албанија,
од Косово и од Македонија, па најпосле била усвоена од
Собранието на Академијата. Замислата на Академијата била,
наводно, да организира Национално собрание, со учество на
интелектуалци од сите албански етнички простори и од
дијаспората, за да ја усвојат и потоа “да се обидат сите заедно
да ја остварат”.
Тоа е, всушност, навестување на разврската на
косовското прашање, но и на настаните што следуваа во Србија
и во Македонија.
Од сиот текст на Платформата е очебиен
фактот на синхронизираноста на албанскиот етно-радикализам
во балканскиот простор, но и во странство, вклучувајќи ги
албанските лобисти во Европа и во САД.
Платформата на Албанската академија е повторување и
обновување на романтизмот за Голема Албанија од времето на
Призренската лига. Сепак, во однос на програмата на
Призренската лига од 1877-8 година, во анализата треба да се
оддели нејзиниот национално-еманципаторски и ослободителен
карактер од нејзиниот големо-албански и експанзионистички
карактер.
Пет години по објавувањето на Платформата (2003),
во излагање во Центарот Вудро Вилсон во Вашингтон,
амбасадорот Герт Аренс (прво специјален претставник на
Претседателството на ЕУ во Македонија, а потем претставник
на ОБСЕ во Албанија), ќе рече дека денес Голема Албанија во
основа значи унификација на самата Албанија со Косово, и дека
никој од водечките политичари во Албанија, Косово и каде и да
е, не е за тоа, бидејќи тоа секако ја оддалечува Албанија од
евро-атлантските структури.
Но, ќе потврди Аренс, тоа не значи дека идејата за Голема
Албанија е мртва засекогаш. Кога започна југословенската
криза, најмногу од албанските говорници се уште, главно,
невино вревеа за тоа. Но, во октомври 1998, Академијата на
науките на Албанија ја објави “Платформата за решавање на
Албанското национално прашање,” која одеше во таа насока,
но
која исто така утврди дека еднаш кога Албанците ќе бидат во
ЕУ, границите ќе станат неважни.
Секако, прашање е, што ќе се
случи ако нивната ин-теграција во Европа не се оствари”
(Ahrens, 2003, c.133).
Неполна година по објавувањето на
Платформата, започна т.н. Косовска криза, три години по неа,
започна македонската амплитуда на кризата со Албанците.
Платформата на Албанската академија не е претенциозен,
теориски или научен текст.
Нејзина појдовна позиција е дека
етничкиот, историскиот и територијалниот идентитет на
Албанците на Балканот воопшто не е спорен, и дека научно и
историски може лесно да се докажува, но дека тоа, речиси, не е
ниту потребно.
Сосема патем, се споменуваат неколку
историско-библиографски извори, но е извесно дека
Платформата не смета на некакви извори или докази, туку на
априорни тврдења.
Притоа, априоризмот е во безусловното
потпирање на примордијалистичката и марксистичка теорија на нацијата - која наводно е историски оформена, па дури и
значително пред капитализмот, која е заедница на база на
органскокрвни, јазички, религиски, културни и економски
врски, но и се развивала на компактна етничка територија.
Која
е тогаш хипотетската конструкција на која се темели
Платформата?
Прво, дека надвор од секое сомневање е дека делот на Балканот
северно и источно до Ниш и Пирот, потоа надолу преку
Куманово, вклучувајќи го Скопје како престолнина на
Косовскиот вилает, па преку Штип, Прилеп и Битола, Воден и
Костур до Јанина итн., била албанска етничка територија.
Таа
исконски им припаѓала на Албанците, од нивните предци -
Јужните Илири и Дарданци, па наваму. Доколку во некои
периоди, на тие територии имало други држави, на пример,
византиската, српската, грчката, тоа биле само политички
власти и окупации. Доколку имало преселби на народите (како
во времето на Чарноевиќ, кон крајот на 17 век), такви преселби
имало и на албанското население (во Италија). За сегашната,
трагична поделеност на Албанците и на албанските етнички
територии, против која отсекојпат се борело албанското
национално движење, виновни биле не само “вековниот
отомански окупатор, туку и националистичките кругови на
соседните земји, а заедно со нив и незаинтересираноста на
Големите сили”. Така што денес, меѓу народите на Европа,
најголемо територијално распарчување претрпеле токму
Албанците (прва реченица на Платформата).
Големите сили, на пример, на Амбасадорската конференција во
Лондон, 1912, крајно жално и трагично ја распарчиле Албанија,
исто како и во Версај, 1920 година. Следствено на тоа,
албанската нација отсекојпат била распарчувана и угнетувана,
сe до распадот на СФРЈ (1991-1998), кога Албанците се нашле
во пет различни држави. Во четири од нив, Албанците биле без
никакви, или со сосема незначителни етнички права
(Македонија), биле предмет на геноцид, негирање,
потиснување. Фактот дека Хитлер ја обединил Голема Албанија
е само делумно точен, бидејќи ја дал на управување на Италија.
Сосема слична оцена за фашизмот како во бугарската доктрина.
Најсилниот аргумент за распарчувањето и геноцидот над Албанците е,
сепак, Милошевиќевиот режим (1987-1998) и
толеранцијата на меѓународната заедница.
Отука, документот сосема јасно ја посакува и точно ја
антиципира интервенцијата на НАТО на Косово и во Србија
што упатува на помисла дури за синхронизираност на обете
политики кај надворешниот фактор: про-албанската и против-
Милошевиќевската.
На таа точка, документот е отворено
агресивен. Имено, исто како и во српската и бугарската
доктрина, во него се изразува загриженост, “не само за статусот
на Косово туку и за иднината на целата албанска нација” и се
бара решавање на албанското прашање во целина… Секако,
стои во документот - “постепено решавање во согласност со
денешните меѓународни околности и со политичките процеси
што го водат Балканот кон интегрирање во Европската
Заедница”. Но, освен опцијата за мирољубиви решенија,
посебно во врската со принципите на ООН и ЕУ, на пример за
неменување на државните граници по насилен пат, за мирно
разрешување на конфликти итн.,
Платформата се залага и за
“воена интервенција” (на Косово- Д.М.), како забрзано
решение, заради спречување на хуманитарната катастрофа на
Албанците.
А што ако меѓународната заедница не интервенира?
Според
Платформата, “во овие околности Албанците треба да знаат да
ги искористат сите средства, како и сите можности што ги нуди
меѓународната заедница во сегашната фаза. Есенцијално е тие
да ја покажат потребната решителност за преземање такви
акции кои ќе ги поттикнат меѓународните политички фактори
да ја надминат досегашната нерешителност за да ги донесат
потребните одлуки…”.
Ова станува стратешка определба, која
подоцна е употребена и во кризата во Македонија. Заедно со
тоа е поттикнувањето и на воена акција и позиција, во случајот
на Косово - ОВК, сe до создавањето на Република Косово, како
и апелирање на акција на политичкото водство на државата, но
и на албанското национално движење во целина. По неколку
месеци, остварена е интервенцијата на Косово.
Што планира Платформата во однос на Македонија?
Се
повторува старата приказна за територијата и за популацијата, при што Албанци би требало да има најмалку 35% ,а
Македонци 55% , сосе оние што се чувствуваат како Бугари; а
за жал, и покрај тоа што уживаат некои права, Албанците се
дискриминирани, под полициска тортура, нерамноправни се во
судството, образованието, со забрането знаме, симболи, јазик во
официјални акти и сл. Но, со оглед на растот на населението,
“доколку продолжи досегашното темпо, нема да биде далечен
денот кога албанското население ќе биде истоветно па дури и
ќе го надмине македонското население”.
Поаѓајки од таа
демографска закана и миноризација на Македонците,
Платформата гледа само две можности за “таа порозна држава”
која се обидува да се “одржи на нозе со патерици на
меѓународните воени сили”, стационирани на албанските
етнички простори:
Или биетничка држава од типот на Австро-
Унгарија, или Албанска автономна покраина во Македонија.
А со влегувањето во европската интеграција, граници и без тоа
веќе ќе нема…
Платформата го третира и статусот на
Албанците во Црна Гора, во која наводно заради интензивната
асимилација на православните Албанци и дискриминацијата
како и емиграцијата, тие станале само 8% од населението, но
кои се компактни на својата етничка територија, со главен град
Улцињ;
потоа, статусот на Албанците во Грција - областа
Чамерија со Костур и Воден, и на крајот статусот на албанските
заедници во дијаспората; тие посебно се третираат во Италија и
во Грција, но и во други земји, каде што го сочувале
идентитетот на етно или културно-лингвистички заедници.
Документот на крајот повторно се залага за “праведната
аспирација на сите Албанци каква што уште од минатиот век ја
определиле нашите преродбеници - обединување на сите
албански етнички простори во една единствена национална
држава”, со тоа што политичкиот статус на тие простори во
сегашната фаза, што се предлага во документот е следниот:
а)
Република Албанија;
б) Независна и суверена Република
Косово;
в) Република Македонија како двонационална држава
на Албанците и Македониците и со етнички поделен
суверенитет, или со автономна покраина на Албанците во РМ;
г) Република Црна Гора со локална автономна територија на
Албанците, со главен град Улцињ; д) Преземање мерки од страна на албанската влада во Грција, односно во Чамерија, да
се воведе образование на децата на албански јазик и враќање на
имотите на иселените по 1945 година.
Еден месец по објавувањето на оваа платформа, во ноември
1998 година,
во Њујорк, на веб-страницата на Албанско-
американската граѓанска лига на Џ. Диогарди, Арбен Џафери го
објавува текстот:
“ Предизвиците на демократијата во
мултиетничките држави’’.
Текстот претставува
операционализација на Платформата на Академијата, негов
уредник е Ширли Клојс, советничка за балкански прашања, со
многу поспецифицирани барања од Платформата, посебно во
однос на Македонија. Овој документ како акциска насока е
објавен еден месец пред влегувањето на партијата на Џафери во
владејачка коалиција во Македонија и е извесно дека
коалициските партнери знаеле за текстот ако не го разгледувале
и коалициски. Според реториката, содржината и предлозите во
текстот на Џафери, исто така е извесна “интелектуалната
симбиоза” со Платформата. Џафери инаку систематски ги
употребува термините БЈРМ, Славо-Македонци, или пак
навредливи изрази и констатации (на пример “славо-
македонската структура на моќ”, “во овој поглед нема
суштинска разлика меѓу политиката на Милошевиќ и
политиката на Киро Глигоров во Македонија”, итн).
Покрај познатите тврдења за Македонија како двонационална
држава и за држава што ги лишува Албанците од основните
политички, граѓански, етнички, културни и други права,
Џафери изнесува и многу извртени факти за нивната вистинска
положба, но и за тоа дека Македонија еклатантно ги кршела
меѓународните акти и документи.
На пример, повеќе резолуции
и акти на ООН за правото на самоопределување, за граѓанските
и политички права, за економските и за културните права, за
меѓународните спогодби за бивша Југославија, посебно
Карингтоновиот документ итн.
Притоа, нема ниту една
референца за тоа кој меѓународен орган го утврдил тоа, а се
скрива и фактот дека и при приемот во ООН, во Советот на
Европа, во ОБСЕ но и во партнерството со ЕУ, Македонија
беше подложена на ригорозен мониторинг, кој не покажа такви
62
девијации, а најмалку пак “етнички инженеринг” и
маргинализација на Албанците во Македонија.
Исто така е скриен и фактот дека македонскиот устав, усвоен во
1991, беше, од фазата на нацртот па до имплементацијата –
предмет на стриктна супервизија на Бадентеровата комисија и
на ЕУ, на Советот на Европа, на Венецијанската комисија итн.
Не помалку се извртени и фактите дека правото на
самоопределување (со право на отцепување, според
марксистичката дефиниција кон која инклинира и Џафери), не
се однесува на малцинства, етнички, лингвистички и други
заедници, туку се однесува на народи и на национални држави.
Веројатно заради тоа, во текстот и во сета стратегија, тој
инсистира на постоење два народа во Македонија. Во истата
смисла, на крајот на текстот, Џафери го злоупотребува и
познатиот американски политолог Арент Липхарт од
Универзитетот на Калифорнија, кој во познатата студија
Демократијата во плуралните општества, разгледува повеќе
опции за перспективите на демократијата, па и т.н.
консоцијален систем што претпоставува консенсуално
договарање на заедници во одлучувањето, се разбира, со право
на вето. Џафери тоа го сведува на пропорционално
претставништво насекаде, но и со суверен и еднаков глас во
одлуките. Отворено е против Милошевиќевиот слоган еден
човек-еден глас, не од други причини, туку затоа што
Албанците би биле прегласувани (како порано претставниците
на другите народи во СФРЈ). Има еден број прашања
проблематизирани во текстот, што се исправно покренати, како
што е локалната самоуправа, застапеноста на заедниците во
администрацијата, во судството, во образованието итн. Но, тоа
беа прашања што ги покренуваа сите во Македонија, не само
Џафери.
Што ако пропозициите од текстот на Џафери (односно од
Платформата на ААН) не се исполнат?
Како резултат на тоа,
пишува Џафери, денес во БЈРМ постои опасна конфронтација
меѓу волјите на двата народа, Албанците и Македонците,
излезот од која може да биде конструктивен или деструктивен.
Идеално, конфронтацијата треба да се разреши со мирни,
цивилизирани средства, но тоа не мора да биде мир по секоја цена.
Максимата “поарно лош мир одошто добра војна е
кусогледа, бидејќи неизбежно лошиот мир води кон ужасна
војна”.
Токму според оваа катаклизмична максима на Џафери,
се одвиваа настаните во кризата во Македонија, 2001 година.
Таа криза покажа дека Платформата, специфицирана од
Џафери, претпоставува една комбинација на насилни и
ненасилни, демократски и недемократски средства, со крајна
цел и насока кон остварување на радикалните етнополитички и
демографскотериторијални амбиции на авторите. Кризата и
нејзиното разрешување со Охридскиот рамковен договор како и
со уставните промени во 2001-2002 година, покажа дека
албанската етничка заедница во Македонија вистина се
соочувала со реални проблеми во својата позиција и права, но и
дека тие проблеми можеле да се разрешат во рамките на
институционалниот поредок, без насилство, големи жртви и
материјални штети кои настанаа во кризата и судирите;
уставните промени кои беа усвоени, со битен нагласок на
мултикултурализмот и неговото политичко изразување беа
само надградба и збогатување на мултикултурните традиции и
соживот во македонското општество. Конечно, излезот од
кризата, со видливо и изразено учество на меѓународната
заедница, покажа дека оваа не прифаќа решенија што се
наметнати со сила и насилство, потем - некакви принципи на
самоопределување на малцинските етникуми во секоја
поширока заедница па и државна и дека не прифаќа еднострано
менување на граници на државите.
На крајот на текстот, макар што тој се однесува стратешки на
сиот постулиран “албански национално-територијален
проблем”,
се предлага спогодба меѓу Албанците и Македонците
за менување на националниот во двонационален систем, со
десет точки, од кои шесте се козметичко-комерцијални, но
четирите точно ја изразуваат супстанцата на платформата на
ААН:
а) државотворноста, јазиците и знамињата;
б)
референдумот (признавање-Д.М.); в) конституирање дводомен
парламент;
г) слободно движење на албанскиот народ, идеи и
стоки, насекаде низ албанските територии;
Овие текстови и пристап и денес се во употреба и
имплементација. Никој и никаде не ги оспорил или демантирал
или критикувал. Западната јавност и политика, со сиот свој
либерализам, вклучувајќи го и технолошкиот веб-либерализам,
со исклучок на поединци како Герт Аренс, не ги одбележаа.
Речиси никој не ги забележа ниту во оваа држава.
Извор:
No comments:
Post a Comment