Search This Blog

Saturday, February 11, 2017

Бугарската доктрина

Бугарската доктрина
Објавена е 1997 година, во форма на научна студија, во едно
тешко време за земјата (колапс на економијата и валутата,
нестабилност, подем на организираниот криминал), но и време
на насочување кон европските интеграции. Макар што
колективот автори е независен исто како и издавачот, и
авторските имиња и рецензентите и учесниците во “проектот”
како и финансиската донација укажуваат дека доктрината е
непосредно поврзана со Бугарската академија на науките, БАН,
но и со високи воени, државни и црковни кругови. Таа година е
објавен само првиот дел, “Фундамент на бугарската национална
доктрина”, кој главно се занимава со концепциски прашања
како и со историјата, до најново време. Следната година е
објавен вториот дел –“Националните програми за остварување
на бугарскиот национален идеал и национални интереси”.
Обата укажуваат на концентратот на една националистичка
идеологија, затскриен зад превезот на академизмот, модерната
реторика и “историската наука”.
Доктрината како мотив го зема, наводно, фактот што сите
современи држави (се споменуваат САД, Франција, Германија,
Јапонија и др.) вклучително и соседите, имале национални
доктрини, а Бугарија немала. (Фактот инаку не е точен, исто
како и многу други - цврсти “факти” наведувани низ текстот).
Освен тоа, тука се набележуваат и потребата од единство и
обединетост на нацијата во тешки моменти, водењето на
нејзината политика врз “научна основа,” а не врз интуиции,
имањето патоказ за развојот на нацијата и државата во 21 век, а
тој се состои во дефинирањето на националната доктрина,
идеали, интереси итн. Следува, а тоа се потенцира, дека таквата
доктрина е супра-општествена, надпартиска, класна, етничка,
религиозна, што значи таа има примат над сите други, исто како
што и националниот идеал и интереси имаат примат над сите
други, вклучувајќи ги и државните.
Во воведниот дел, целта на доктрината, исто како и во
Меморандумот на САНУ, апелативно се насочува кон “држав-
ниците и политичарите”, за да дејствуваат активно и целе-
сообразно на остварувањето на бугарскиот национален идеал и
на бугарските национални интереси, а во истата смисла таа ѝ се
нуди на сета нација во насочувањето на нејзината творечка
енергија и волја. Во тој воведен дел, документот се обидува да
определи некаква научно-теориска основа и оправдување на
пристапот, па се поаѓа повторно од наводен “факт” дека денес
во светот имало две разбирања на нацијата: едното кое е
надминато, во чија основа е “етносот” во тесната смисла на
зборот, кое е, т.н. етно-концепција на нацијата, или концепција
на етно-нација; а другото е наводно она што превладува од
француските просветители до денес и што било, се вели во
текстот, основа за државното уредување на најмногу од земјите
во светот (Франција, САД, Швајцарија, Шпанија и многу
други); тоа е концепцијата на социо-културна (политичка)
нација, чија дефиниција им се припишува (без извор) на
француските просветители: “општество на граѓани, обединети
од идејата за заедничка државност”. Доктрината се определува,
,се разбира, за оваа втора концепција.
Меѓутоа, за големо изненадување, следува дефиницијата на
бугарската нација во чиста и строга марксистичка формулација
(етнос-народност-национална свест - за создавање своја црква и
држава) - историчност - и - територија со целосен и компактен
политички, економски и духовен простор. Кога пак започнува
изложувањето на етно, односно, нацио-генезата на Бугарите,
доктрината не се потпира ниту на марксистичката концепција,
туку на најархаичните концепти на етно-романтицизмот и етно-
детерминизмот.
Па сепак, во основа, овие два доктринарни текста го следат –
марксизмот. Воопшто, и ден-денес, бугарските академици, во
голема мера страдаат од марксизмот и ленинизмот кога го
разгледуваат националното прашање. Овие два текста се во
потполн континуитет и аргументација со познатиот памфлет на
Институтот за историја на БАН од 1968 година, за
Македонското прашање, кој наводно требаше да ги појасни
бугарските ставови за Македонија, а по извесното подобрување
на југословенско-бугарските односи и разговорите Тито-
Живков и Крсте Црвенковски-Живков. Ниту милиметар
поместување, освен критика на Димитров за “неправилното”
разбирање на Лениновското сфаќање, “злоупотребено”
политички од Сталин - на правото на нациите на
самоопределување до отцепување (Македонскијат впрос, 1968).
Сепак, и на бугарските академици им е јасно дека теориски,
доктрината е доста плитка и гола. Треба малку да се зајакне. Во
2000-та, софискиот издавач “Парадигма” како поддршка на
доктрината ќе ја објави книгата “Етнос, нација, национализам”,
од историчарот В. Тодоров. Многу е интересно што Тодоров, по
релативно солидната анализа на делата на А. Смит и Б.
Андерсон, Е. Гелнер и другите од кругот на модернистите и
етно-симболистите, во заклучоците е потполно збунет. Прво, во
Предговорот, ќе го искритикува некогашниот претседател
Жељу Желев, што допуштил во 1993 година, неговата книга за
“Фашизмот” да се преведе и да се издаде на македонски јазик и
што воопшто дошол во Скопје на промоцијата на книгата.
Тодоров вели сепак, тој бил повеќе филозоф, а помалку
историчар, па донекаде ги измешал историјата и политиката.
Но, веќе во четврттиот дел на книгата, Тодоров се определува
да не ги признае Македонците како нација. Ќе ги именува како -
неалбански политички сили во Македонија, како христијанско
мнозинство и раководство во Македонија и “македонски
управници” на република Македонија. Внимавајте, “република”
Македонија е напишана со мала буква, за разлика од памфлетот
од 2008 година, каде е напишана со голема – разликувајќи ја од
Бугарија, без “република”. Во обата случаја - се имплицира -
вештачка творба и име. (Тодоров, 2000).
Сиот текст на доктрината е организиран за да остави впечаток
на длабока научност, систематичност и сериозност, давајќи
дефиниции за сите поими и категории, изведувајќи некаква
хиерархичност во конструкцијата на: етнос – народност –
нација – национализам - национален идеал -национални
интереси – практична политика. Многу често тие дефиниции не
се совпаѓаат ниту со теориската ниту со речничката литература,
а некои, пак, звучат сколастично, тавтолошки и дури смешно.
Конструкцијата на доктрината е доста едноставна: Бугарите
како нација и држава се меѓу најстарите во Европа, а секако и
на Балканот, меѓутоа по сила на околностите, денес се
потиснати само на еден дел на својата територија, а со
значителни територии и свое население, надвор од државата.
Тие историски околности биле - нападите и посегањата на
другите соседи, од Византијците и Турците до Србите, Грците,
до Сталин и Коминтерната итн., но, се разбира, имало и некои
слабости и грешки на водствата - од царевите Петар и Борис,
преку Фердинанд и премиерот Стамболиски до Димитров итн.
Многу голема штета на бугарската кауза ѝ нанесле богомилите,
големите сили, комунистите и изродените Бугари, како и сите
соседи.
Но, денес, наводно, Бугарија е на вистинскиот пат, прогласена
е, и вистина е, за еднонационална држава, бидејќи така пишува
и во уставот, а некои етнички групи, односно граѓани можат
индивидуално да се изјаснуваат и поинаку, но важно е дека сите
се припадници на бугарската нација. Само што условот за тоа е
– да бидат лојални и да се обединат како и сите други
национално, како Французите, Американците итн. Се разбира,
низ сиот текст провејува трагиката на загубата на Поморавието,
на Македонија, Тракија и на Мизија, па и на дел од Добруџа,
при што провејува и оптимизам дека, сепак, нешто може да се
поправи, особено во Македонија бидејќи Македонците
отсекојпат имале најчиста бугарска свест. Критериумот за
прогласување на малцинствата за дел на бугарската нација,
очигледно не важи за статусот на Бугарите во другите држави.
Според доктрината, бугарскиот карактер на Македонија и
Македонците е неспорен. Македонската нација е квази-нација,
создадена со присилно оттргнување територии и население од
бугарската нација, со вешто манипулирање на Србите, на
комунистите и на некои автономисти, гладни за слава и моќ.
Неспорно е исто така, дека македонскиот јазик е дијалект на
бугарскиот, а дека сета македонска историја и култура се дел на
бугарската, со тоа што српската и другите пропаганди во некои
околности во Македонија се покажале како поуспешни
(повторно Стојан Новаковиќ). Тезата за вештачкиот карактер на
македонската нација е истоветна со грчката, индиректно и со
српската.
Интересно е што доктрината отворено е благонаклонета кон
фашизмот и улогата на цар Борис во Втората светска војна, кон
некои милитаристички групи и кругови, а слично на грчката
доктрина, прескокнува цели поглавја и факти во историјата,
како што се Втората балканска војна, Првата светска војна,
Народно-ослободителната војна во Македонија, признавањето
на македонската држава и независност од страна на Бугарија
1992 година, или, пак, признавањето на јурисдикцијата на СПЦ
над МПЦ. Сиот текст е преплетен во еден емотивен набој на
жалење за величественото минато, со обвинување на други
држави и народи за бугарските национални трагедии, со
некритично величење на бугарскиот “генетски капитал” и
светлата иднина, доколку Бугарите се обединат и се освестат
околу националниот идеал. Последниот дел од доктрината, во
кој има обид да се изведе некаква демографска, економска,
социјална и научно-културна политика е, всушност, и
најслабиот дел, далеку под нивото на официјалните државни
програми за приближување кон Европската унија.

izvor

No comments:

Post a Comment