| |
Устав на Македонската Тајна Револуционерна Младинска Организација - 1922 година |
Oд Устав на Македонската тајна револуционерна младинска организација во зимата 1922 година
Цел.
Член 1. Македонската тајна револуционерна младежка организација има за цел да ја потпомага Внатрешната Македонска Тајна Револуционерна Организација во нејзината борба за ослободување на Македонија од српско и грчко ропство и за нејзиното воздигање во самостојна држава, а и да работи за подготовка на нови борбени сили.
Состав и устројство.
Член 2. Член на ММТРО може да биде секој студент или ученик од повисоките гимназијални одделенија и кој е македонец по потекло, доволно е да е препорачан од тројца постари членови и да изјавил желба да се посвети на Делото.
Член 3. ММТРО се состои од 5 члени групи, сврзани една со друга со посрество на своите петари.
Член 4. Штом една група стане полна, секој нејзин член може да формира друга таква. Кандидатот за член на новата група не може да биде прифатен, ако ја нема препораката, освен на предложителот, и на двајца членови од првата група.
Член 5. Основачот на групата е по право нејзин петар, додека го заврши своето образование или пак додека го смени местото на учење. Во таков случај петарот го остава за свој заменик избраниот со општа согласност помеѓу членовите на групата или добиеното одобрение на постарата група.
Член 6. Секој петар ги знае своите членови и членовите на групата, образувана од последните.
Член 7. Првата група, којашто е централна, ги знае сите членови на ММТРО. Таа е директно потчинета на Централниот комитет на ВМРО и одржува врски со него директно или преку еден секретар, кој го избира од својата средина.
Член 8. Групата или групите во секое населено место во Македонија се потчинети и во услуга на најблискиот револуционерен комитет, од кој добиваат заповеди со посрество на првиот петар во тоа населено место, директно од него /за членовите од првата група/, или преку нему потчинетите петари /за членовите на другите групи/.
Член 9. Секоја група се собира бар еднаш во неделата на заседание, а денот и часот се определуваат од секоја група по општа согласност. На овие собранија се разменуваат мисли по делото. Секој член реферира што разбрал, што се однесува до делото, се разгледуваат предлозите за примањето на нови кандидати, се читаат соодветни дела и др.
Должности на членовите.
Член 10. Помошта, којашто ММТРО му ја дава на ВМРО, се изразува во следното:
а/ Пренесување писма, книги, оружје, алишта и други материјали, нужни на организацијата.
б/ Криење на организациони луѓе.
в/ Поднесување на извештај на петарот за сe, што некој член чул, што се однесува до организационите работи.
г/ Претпазливо заштитување на целта на револуционерната организација од критики, изобличување на хулителите и популаризирање на идејата.
д/ Воопшто извршувањето на сe, што е во интерес на ослободителното дело и во согласност со уставот на ВМРО.
Член 11. Петарот ќе го изврши сам тоа, со кое што е лично задолжен, а со другите порачки задолжува соодветен член од својата група.
Член 12. Никој член не може да се откаже од исплонувањето на доверената работа, колку и да е тоа ризично, освен од причини, коишто се уважуваат од петарот или целата група.
Член 13. Секој член треба да биде пример на чесност, совесност, скромност, трудољубивост и правдољубие. Пијанството и развратот на членовите најстрого им се забрануваат.
Член 14. Идеалот на секој македонски младининец треба да биде да подготви од себеси борец за ослободувањето на Македонија.
Член 15. Секој член по завршувањето на гимназиското или универзитетското образование, кога ќе се врати во своето родно место, или на друго место во Македонија, е по правило член на ВМРО и е на нејзино располагање по сите права и должности.
Казни.
Член 16. За мала престапка казната е карање, а за поголема - исклучување. За издавање на тајните на нечленовите/предавство/ - смрт. Исклучениот, ако издаде нешто, и по неговото исклучување, подлежи на смрт по казна.
Член 17. Карањето и исклучувањето стануваат по решение на групата, кон којашто припаѓа членот. Пресудата за смртна казна се изговара од погорната група и се исполнува по нејзиното потврдување од соодветниот окружен револуционерен комитет/ за во Македонија/, а за групи надвор од нејзините граници, со нејзиното потврдување од Централниот комитет на ВМРО.
Клетва.
Член 18. Секој член на ММТРО пред да биде посветен во делото, ја дава последната клетва:
“Се заколнувам пред Бога и својата чест, дека ќе чувам во тајна сe`, што дознам сега, или би дознал во иднина, за дејноста на Внатрешната Тајна Револуционерна Македонска Организација и ќе ги исполнувам прописите на уставот на ММТРО, а следствено и заповедите на раководството. Во спротивен случај нека бидам убиен со оружјето, кое што тука го целувам“.
Член 19. Сегашниот устав влегува во сила по неговото потврдување од Централниот комитет на ВМРО. |
http://www.mn.mk/istorija/8446-Ustav-na-Makedonskata-Tajna-Revolucionerna-Mladinska-Organizacija---1922-godina
No comments:
Post a Comment