Search This Blog

Friday, June 26, 2020

Повикан народ

Европската судбина на Евреите и на Македонците (Физички и идентитетски холокауст)

725
Jас одамна знаев што ќе се случи со Македонија драг читателу. Етноцид. Идентитетски геноцид. И, еве, се збидна тоа, па ни најмалку не сум погрешил во тезата дека Македонците се новите Евреи на Европа по Хитлерова Германија. Многумина мислеа дека радикално претерувам. Ама камо среќа да беше така. И, се покажа, имено, дека најголемите мартири што ја искусија дарвинистичката суровост на Западната ариевска цивилизација, на Европа се Евреите и Македонците. Евреите во Втората светска војна во нацистичка Германија, а Македонците повеќепати од почетокот на дваесеттиот век наваму. Најгеноциден физички акт против нив озаконет со печат на Вавилонската дама беше Букурешкиот договор од 1913 година со кој се распарчи, искасапено со европскиот садистички нож, живото македонско тело, раздавајќи им се на соседните балкански хиени. Но тука е потоа и Првата светска војна, во која Македонците пак беа плен на истите хиени и на општото европско варварство. Со божјо чудо, пак, тие се извлекоа со АСНОМ и Пролетерската интернационала во рамките на Југославија во и по Втората светска војна, новата голема катастрофа на арогантната Европа. Со стек на околностите, пак, во 1990 г. основавме и своја самостојна држава, иако веднаш потоа се покажа дека не е тоа. Западните планери на светот по своја мера веднаш почнаа да ја масакрираат неа и да отвораат живи рани во нејзиното живо ткиво, за на крајот по речиси три децении отворен и маскиран софистициран садизам да ја внесат и замрзнат во длабокиот европски замрзнувач на идентитетска мртовечница. Смрт.
Тоа. И, главното прашање тука е: зошто токму Евреите и Македонците се најголемите страдалници на либералната со демократска маска Западна цивилизација? Дали можеби и затоа што тие се двата толку славни народи во антиката, потврдени со небесен и земен печат во Светото Писмо и како темел на нововековната Европа, која има доминантен јудео-христијански белег. Оној на кој постојано ја потсетува неа и големиот германски писател и хуманист Томас Ман, а за да ја освести неа за, пред сè, високите морални и етички норми што извираат од тој цивилизациски извор. Секако и малку да ја оттргне од нејзината паганска фасцинација со Стара Грција налепена на фалсификатот на Дројзен. Томас Ман всушност интелигентно ѝ сугерира на Европа да се сврти повеќе кон филозофијата на христијанството и неговите супериорни морално-етички вредности, за да расчисти со својата паганска душа, која, и таква, му ја има продадено на Мефистофел (Сатаната) за што речовито говори „Фауст“ на Гете. Таа, која и според Ниче, страшно лут на христијанството, го убила Бог во себе. Доколку воопшто и го пронашла некогаш него. А христијанството со Логосот на Љубовта и стигна по новозаветна линија преку Македонија и Македонците во Европа.
Да. Најчудно, пак, е, драг читателу, што Евреите и Македонците се браќа близнаци не само со паралелизмот на нивната културно-цивилизациска струја во Светото Писмо, туку и со нивниот судбински паралелизам. Тие се избраните да ѝ ја предадат нововековната цивилизациска штафета на Западната цивилизација. Но и подалеку од неа. Два избрани народа за специјална мисија, диктирана од небото, а реализирана на Земјата. Тука е потребно појаснување. Македонија под името Китим се јавува уште на почетокот, во 14-от стих од првата книга Битие во Стариот Завет и константно е присутна до последните страници на Новиот Завет. Китим е внук на најмалиот син на Ное Јафет чии наследници се Македонците.
Кога, пак, станува збор за Евреите и за Македонците во Светото Писмо, дури и теолозите забораваат да подвлечат дека Евреите се доминантни во Стариот, a Македонците во Новиот завет. Тие двата, пак, пишувани на протек од милениум и половина во 77 книги се радикално различни, бeз разлика што теолозите догматски нив ги разгледуваат како неразлачна целина. Стариот Завет на евроизираниот Бог Јахве е полн со многу темни места и во добра мера обесхрабрувачки за човекот. Јахве е екстремно строг небесен монарх, кој воспоставува сурова етичка правда: „Око за око, заб за заб“. Тој ги става, како во Книгата за Joв, и своите најправедни верници на страшни искушенија, фрлајќи ги во прегратките на Сатаната. Потоа ги казнува како колектив сурово и Евреите за Златното теле и ги врти садистички цели 40 години низ пустината пред да ги одведе во ветената земја Ханаан полна со лозја и вино.
Дури во Новиот Завет, со Исус Божјиот Син, радикално ќе се измени сликата за таткото Бог. Наместо старозаветното „Око за око, заб за заб“, сега Синот проповеда: „Љуби го и својот непријател“. Наместо казна, тој нуди проштавање и вечна љубов. Оваа божествена филозофија на проштевањето и љубовта, вистина, Спасителот ја проповеда во Галилеја и низ цела Јудеја, но таа најдлабоки корени, имено, фати во Македонија. И тоа со божја промисла, со доаѓањето на најревносниот Исусов апостол Павле во Македонија, каде што во куќата на Лидија Македонката во Филипи ја основа првата христијанска црква на европска почва. Оттука и тргнува, како што вели и познатиот француски библист Ренан, Новозаветното Слово на Љубовта кон блудницата вавилонска, христијанизирајќи ја на запад до Атлантикот, а на север до Москва, Владивосток и Северен Леден Океан. Да, друго прашање, пак, е што до денес Европа, зариена во својот пагански нарав, ништо не научи од него. Француската револуција и нејзините корифеи, енциклопедистите, се обидоа додуша да заведат некој вид земна божја правда, ама со илјадници гилотинирани глави и реки крв до крововите на Париз.
Тоа. Ме прашуваш, пак, драг читателу, зошто нагло опаѓа во Новиот завет еврејскиот, а се извишува македонскиот авторитет. Затоа што Евреите, иако им беа дадени знаци од старозаветните пророци осум столетија понапред, не го препознаа и не го признаа Месијата Исус. Не случајно тој и плачеше еднаш пред храмот на Ерусалим, велејќи дека нема камен да остане од него, прорекувајќи ја симболички на тој начин мартирската идна историја на избраниот народ. Подоцна тој беше осуден од нивниот првосвештеник Кајафа и даден во рацете на римските војници да го распнат. Јуда Искариотски тука е само општ симбол на еврејското колективно предавство на Спасителот. А веројатно, повеќе од сигурно, Исус не ги стекнал симпатиите на Евреите и поради, за нив, неговиот екстремен космополитизам, кога им рекол дека неговиот Израел сега ќе го компонира од сите народи на светот. Слична космополитска идеја пред него имал и Александар Македонски, факт што не е за запоставување ако се има на тој план и улогата на Македонците во Новиот завет подоцна.
Тука доаѓаме, јунговски речено, сепак и до диференцијацијата, и покрај сличностите, меѓу еврејскиот и македонскиот менталитет. Евреите, како што се гледа тоа јасно и од страниците на Стариот завет, се херметички, строго затворени во својот национ, цивилизирани и со висока култура, но со трибалистички нарав и душа. На некој начин и ариевци далеку пред ариевска Германија и Европа. На некој начин и митомани, обезбедувајќи го за себе епитетот „избран народ“ и приватизирајќи го како сопствен имот Бог (Јахве), кој сепак подоцна во Новиот завет преку Синот Исус ќе добие апсолутна космополитска димензија. Тоа. За разлика од нив, пак, македонскиот менталитет отсекогаш бил отворен и космополитски, и затоа е, имено, испратен од Небото Павле во Македонија за реализација на христијанството. Покрај другото и затоа што Македонците никогаш не го поседувале во фројдовска смисла комплексот нарцизам за да се именуваат себеси како „избран народ“. За нив уште од времето на Александар Македонски сите народи се избрани, од ист генерички извор. Така, иако, без разлика на тоа, имено, тие се во Новиот Завет, драг читателу, прогласени, и тоа лично од апостол Павле, за избран народ кому му е дадена првично мисијата за ширење на Новозаветното Слово на Љубовта и Спасението. Така тој во Посланието до Филипјаните нив ги именува за „Божји чеда“ што се „светлина на светот среде опак и расипан род“ (Филипјаните 2:15), а во Второто послание до Солуњаните вели дека нив Бог ги избрал „од почетокот за спасение, преку осветување на Духот и вера во вистината“. Што, пак, значи дека тие се вистинољубиви и праведни.
Тоа. Туку, еве сега доаѓаме пак на тежишното прашање на нашата колумна драг читателу: зошто западната сурова ариевска цивилизација на Европа ги избра како мартири за својата варварска клада, или гилотина, сеедно, Евреите и Македонците. Никој друг така безбожнички сурово. Зошто? Тие што со Стариот и Новиот Завет ги удрија нејзините нововековни јудео-христијански темели, кои таа не ги препозна, Европа што нив ги десакрализира во име на нејзиното дројзеновско тотемско, паганско божество Стара Грција, кое е подготвено меѓу другото и за жртвување на Македонскиот антички Логос, и воопшто за ликвидација на македонизмот. Друга е ситуацијата со Евреите, но во секој случај во најновата европска, западна историја најмногу настрадаа како жртви тие и Македонците, двата комплементарни народа на Библијата со кои дојдоа христијанството и нововековната цивилизација на Стариот Континент. Случајно ли е тоа, или не? Во Втората светска војна загинаа шест милиони Евреи во смртоносните логори на Хитлерова Германија. Европска Германија. Да, но ако погледнеме денес антисемитизмот сè уште не згаснал во Европа, и тој е според некои факти, на пример, поприсутен во Франција отколку во Гepманија. Во цела либерална Европа со лажна демократија, иако Француската револуција и енциклопедистите беа вистински модерни демократи, кои ја запалија ламбата на духовното просветителство. Без разлика што истото тоа го исклучија од струјата на Бог, што се покажа подоцна како фатална грешка. Не им е пријатно на Европејците тоа да се кажува и коментира, драг читателу, но тоа е вистината. Посебно, по еврејскиот физички, сега идентитетскиот евроамерикански холокауст врз Макeдонците јасно го дава на показ тоа. Физичкиот геноцид над нив со Букурешт 1913 г. се покажа како неуспешен за комплетна македонска гробница, и еве го сега идентитетскиот македонски етноцид. Геноцид. Со еден потег, со само еден удар на евроамериканскиот западен крвнички меч да се отсече идентитетската глава на целиот македонски колектив, да се уништат и забранат со ликвидација на Името сите знаци на неговата меморија. И тука е разликата меѓу еврејскиот и македонскиот холокауст од страна на западната цивилизација. Кон Евреите нарцисоидната Вавилонска дама примени исклучиво физички геноцид, а кон нас Македонците комбиниран: физички и идентитетски. Овој вториот според антрополозите е најстрашната смрт што може да го снајде еден народ. И што да ти кажувам повеќе драг читателу. Во богатата колонијалистичка и божем демократска Европа и денес се во интензивен подем, како омразени, антисемитизмот и антимакедонизмот. Се чини, според она западно варварство што ни се случи антимакедонизмот е и повеќе од антисемитизмот. Оттука треба да бидеме, ние Македонците, навистина идиоти, ментално ретардирани та да крикнеме екстатично „да живее Европа“ (таква каква што е идиотска кон нас), или „Да живее Северна Македонија“ и да ja поздравиме како нашиот-ненаш премиер нашата идентитетска смрт на коja на големо кумуваше и тој.
Од мене толку за денес, драг читателу, оти оваа неискажлива и болна тема е море без брегови. Океан. До следната наша средба најсрдечно те поздравувам.

Извор :

No comments:

Post a Comment